мај 6, 2022

Пожар во Црвен крст Кавадарци, просториите се целосно опожарени

Сите ние во Црвениот крст на Република Северна Македонија со голема загриженост утрово ја примивме веста за трагичниот настан кој денеска се случи во Кавадарци, односно опожарувањето на просториите на Општинската организација на Црвениот крст во Кавадарци.

Сакам да ве информирам дека денес при мојата посетата на Општинската организација на Црвениот крст во Кавадарци имав можност да ги видам страшните последици од пожарот кој нанесе голема материјална штета на објектите на Црвен крст, но пожарот не може да ги избрише добрите дела на нашите волонтери и вработени и сето она што го имаат направено за целокупната заедница која со децении ја опслужува Општинската организација на Црвениот крст во Кавадарци.

Сите ние сме горди со остварувањата и заложбите на нашите волонтери и вработени во Општинската организација на Црвениот крст на Кавадарци кои отсекогаш се пример како се сака и почитува амблемот на Црвениот крст и како се придонесува за добросостојбата на граѓаните во целиот регион на Кавадарци и во национални рамки.

Исто така, при денешната посета на Кавадарци остварив средба со Градоначалникот на Кавадарци, г.дин Митко Јанчев кој изрази длабоко жалење за настанатиот пожар и истакна дека општина Кавадарци ќе ја обезбеди севкупната поддршка околу обезбедувањето на потребните дозволи за реконструкција и градба на опожарените објекти и дека ќе учествува со финансиска поддршка за обновувањето на просториите на Црвениот крст.

Уверен сум дека овој немил настан само ќе не направи посилни и пообединети и набргу со поддршка на сите нас, нашата организација на Црвен крст во Кавадарци повторно ќе биде во можност да ги отвори вратите за луѓето на кои им е потребна помош и ќе биде повторно место каде ќе може да продолжат со работа сите волонтери и почитувачи на работата на Црвениот крст.

Упатувам апел до сите општински организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје како и пошироката заедница во нашата земја да се вклучите во обезбедување на солидарна поддршка за обновување на просториите на Црвениот крст на Кавадарци.

Со почит,

Д-р Саит Саити
Генерален секретар

< врати се назад