Претседателот Пендаровски на првата Академија за дисеминатори за Меѓународно хуманитарно право
Црвениот крст на Република Северна Македонија во рамки на програмата за промоција на Меѓународното хуманитарно право во период од 19 до 21 декември 2022 година ја организира првата Академија за дисеминатори за Меѓународно хуманитарно право со поддршка од Меѓународниот комитет на Црвен крст. Оваа академија претставува базична обука за МХП и е наменета за студни од областа на правните, безбедносните и воените науки. На отворањето свое обраќање имаа Саит Саити – Генерален секретар на Црвен крст на РСМ и Стево Пендаровски – Претседател на Република Северна Македонија.
Саити истакна дека Црвениот крст на РСМ ќе вложи напори за зајакнување на институционалните механизми во нашата држава, дополнително препознавање на нашата улога и градење на силни партнерства со владини и меѓународно организации и чинители во намерите Република Северна Македонија да ја докаже својата спремност во областа на меѓународното хуманитарно право особено во процесите на евроатланските интеграции. Нашата работа и мисија веруваме дека во идниот период ќе најде на поддршка и препознавање од ресорните институции од областа на одбраната, внатрешните работи, надворешните работи и дипломатијата и со тоа Црвениот крст на РСМ да прерасне во референтна платформа која ќе ја обединува научната и експертска јавност во државата во насока на градење на институционалeн систем за промоција на меѓународното хуманитарно право.
Претседателот Пендаровски во своето поздравно обраќање го истакна значењето на оваа Академија за создавање кадар од академската заедница кој ќе го промовира и афирмира меѓународното хуманитарно право пред различни целни групи. Посакувајќи успешна обука на првите учесници на Академијата за дисеминатори за Меѓународно хуманитарно право, претседателот Пендаровски изрази надеж дека академијата ќе стане традиционална. Претседателот Пендаровски ја истакна и важноста од градењето на култура на почитување и применување на хуманите принципи, особено во овој период на голема хуманитарна криза.