април 19, 2023

Пристап до услуги за долготрајна нега во Северна Македонија

На 19.04.2023 година во просториите на Црвен крст на РСМ беше претставено истражувањето на јавново мислење „Пристап до услуги за долготрајна нега во Северна Македонија“во рамки на проектот „Зајакнување на отпорноста на постарите лица и лицата со попреченост за време на КОВИД-19 и идни катастрофи.

На настанот учествуваа генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ,  д-р Саит Саити, министерката за труд и социјална политика, г-ѓа Јованка Тренчевска, министерот за здравство, Др. Фатмир Меџити и други гости од Црвен крст на Србија, SeConS група за развојна иницијатива и здружението Хуманост.

Генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ,  д-р Саит Саити, истакна дека Црвениот крст на РСМ има повеќегодишно искуство во испорака на социјални услуги за  помош и нега на старите лица и лицата со попреченост. Искуството покажува дека многу постари луѓе претпочитаат да добиваат услуги за помош и нега во домот – затоа што во нивниот дом се чувствуваат пријатно, мирно и безбедно.  Опсегот на потреби и побарувања на постарите лица е далеку поголем од достапните капацитети за обезбедување на такви услуги. Во оваа насока Црвениот крст на РСМ со цел да оспособи квалификувани негуватели и асистенти кои ќе испорачуваат квалитетни долготрајни социјални услуги, е верификуван провајдер на обуки за негуватели за помош и нега на стари лица (од 2017 година), како и провајдер на обуки за лични асистенти за лица со попреченост (започнувајќи од 2018 година). Со цел да се испорачаат посеопфатни социјални и здравствени услуги на старите лица, Црвениот крст е верификуван и за спроведување на програми за обука за Палијативен негувател на изнемоштени лица и Асистент за нега на лица од алцхајмерова болест.

Во Северна Македонија според спроведеното истражување од опфатениот примерок на лица на возраст од 65 и повеќе години, 25,6% имале потреба од долготрајна нега поради големи потешкотии во функционирањето, додека помеѓу лицата со попреченост на возраст од 18-64 години, дури 64%  се лица на кои им е потребна долготрајна нега поради големи потешкотии во извршувањето на секојдневните животни активности – се некои резултатите од истражувањето.

Оваа студија е подготвена по иста методологија и со слични примероци во Западен Балкан и претставува една од првите значајни напори да се направи увид во потребите и пристапот на услугите за долготрајна нега, кои, имајќи го во предвид забрзаното демографско стареење  во регионот,   ќе бидат се повеќе потребни, на се поголем број луѓе.

Проектот „Зајакнување на отпорноста на постарите лица и лицата со попреченост за време на КОВИД-19 и идни катастрофи“, е поддржан од Европската Унија, Австриската агенција за развој и Австрискиот Црвен крст. Овој проект е координиран од страна на Црвениот крст на Србија, а партнери во Северна Македонија се Црвениот крст на Република Северна Македонија и Здружението Хуманост.

< врати се назад