Работилница за студенти „Вовед во Меѓународното хуманитарно право“
Црвениот крст на Република Северна Македонија во рамките на планираните активности на Клубот на дисеминатори на Меѓународното хуманитарно право ( МХП), организираше работилница под наслов „Вовед во Меѓународното хуманитарно право“, која се одржи во Хотел Солферино, Струга од 15-17 ноември 2019 година.
Целта на работилница беше запознавање со хуманитарните принципи и стандарди, со правилата на војување, нивната практична примена и имплементација, последиците од непочитување или повреда на правилата на МХП, како и улогата на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во дисеминацијата на правилата на МХП.
Преку оваа работилница, учесниците имаа можност да се запознаат со настанување и изворите на правилата, во кои ситуации тие се применуваат, како и разликувањето на меѓународните внатрешните вооружени конфликти и разликување на различните учесници во вооружени конфликти. Се обработуваа и специфичните правила кои обезбедуваат заштита на ранетите и болни, задржаните лица, цивилите и медицинскиот персонал, како и правилата кои ги ограничуваат средствата и методите на војување. Исто така, учесниците се стекнаа со познавања за хуманитарните интервенции и хуманитарната заштита, како и констелацијата на меѓународните односи во која тие егзистираат.
Работилницата се спроведе преку 5 интерактивни предавања и две практични вежби каде учесниците се запознаа со конкретна примена на правилата на МХП.
Работилницата беше наменета првенствено за студенти од прв и втор циклус на студии (додипломски и постдипломски студии) на правните факултети ДУТ, ШТУЛ, Гоце Делчев –Штип, факултетите за безбедност и Воената академија во Република Северна Македонија, но не се исклучуваат и хуманитарни практичари, активисти и други професионалци кои во рамките на нивниот професионален ангажман се соочуваат со примена на правилата на МХП.