Работилница за заштита и самозаштита во случај на катастрофи
Во рамките на проектот „Активности за намалување на ризици од катастрофи“ кој што е финансиски поддржан од Турската полумесечина, на 30.10.2013 се одржа работилница за заштита и самозаштита во случај на катастрофи во валандовскиот регион. Работилницата се одржа во основното општинско училиште Нам`к Кемал во селото Чалакли. На истото покрај персоналот, односно наставниците и техничкиот персонал од училиштето, присуствуваа и претставници на останатите училишта опфатени во валандовскиот регион и тоа, ООУ „Страшо Пинџур“ – Јосифово, ООУ „Јосип Броз Тито“ – Валандово односно подрачните училишта во селата Дедели и Калково.
Сесијата за заштита и самозаштита во случај на катастрофи, беше одржана од страна на координаторот на програмот за подготвеност и дејствување при катастрофи. Учесниците имаа можност да се запознаат со општите карактеристики на катастрофите (природните и предизвикани од човекот), како и кои активности треба да се превземат пред, за време и по настанувањето на катастрофата. Подоцна во рамките на сесијата, учесниците имаа можност да го покажат стекнатото знаење преку практична вежба во која врз основа на предадената материја наоѓаа решенија за одредени ситуации кои може да се случат.
Дополнително, на учесниците им беше презентирана методологија од областа на промоцијата на хигиената со пропратни материјали, кои што подоцна од нивна страна ќе бидат презентирани на учесниците.
Работилницата беше завршена од страна на секретарот на ООЦК Валандово кој ги презентираше конкретните елаборати и планови за евакуација, односно кој конкретни мерки да се превземат и по кој редослед. Во елаборатите се содржат и информации за тоа на кои ризици од катастрофи е подложен регионот, така што и предвидените начини на евакуации се во согласност со истите. Исто така од негова страна се дадоа насоки за изработка на сценарио на симулациска вежба, каде што учениците и персоналот ќе се евакуираат согласно подготвениот план.
Со имплементирањето на овој проект, директно се влијае на намалувањето на ризици од катастрофи во валандовскиот регион.