април 28, 2016

Сараево домаќин на Европската Конференција за Воспоставување на семејни врски

Од 20 до 23 Април, Црвениот крст на Босна и Херцеговина беше домаќин на Европската Конференција за Воспоставување на семејни врски, на која присуствуваа повеќе од 100 претставници од 40 национални друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина. Конференцијата беше организирана од страна на националното друштво домаќин и Меѓународниот Комитет на Црвен крст, а свој претставник имаше и делегатот за менаџмент со катастрофи од Регионалната Канцеларија на Меѓународна Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина во Будимпешта.

Терминот *Воспоставување на семејни врски*, опфаќа повеќе активности како, превенција од раздвојување на семејствата, воспоставување на прекинатите семејни врски и истражување на причините кои довеле до тоа, за време на вооружени конфликти, природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човекот и миграциите. Услугите за Воспоставување на семејни врски се ексклузивен мандат на Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Фокусот на годенешната Европска Конференција беше ставен на Воспоставувањето на семејните врски во случај на итни состојби и специфичните мигрантски потреби, во нивните држави и на патот по мигрантската рута се до земјите на крајната дестинација. *Миграциските движења во Европа на кои сме сведоци, јасно даваат на знење дека има потреба од акција на Движењето на Црвен крст и Црвена полумесечина, вклучувај ќи ги и услугите за Воспоставување на семејни врски. Луѓето имаат право да знаат што се случило со нивните најблиски* – истакна Жељко Филиповиќ, Шеф на Канцеларијата на Меѓународниот комитет на Црвен крст во Сараево.

Овен Европските Национални друштва, учесници на Конференцијата беа и претставници од Австралија и Америка, но и од земји од каде потекнуваат мигрантите, како Авганистан, Ирак, Тунис, Пакистан и Иран. Дискусиите беа насочени кон начините на имплементација на Стратегијата за Воспоставување на семејни врски 2008-2018 и оправданоста од досегашните активности за Воспоставување на семејни врски. Од дискусиите се заклучи дека услугите за Воспоставување на семејни врски се клучен дел од нашата хуманитарна работа и токму затоа понатамошните успеси можеме да ги гледаме само како дел од заедничка работа и делување на овој план.

На Конференцијата свое учество зема и Црвениот крст на Република Македонија, со претставување на активностите на Службата за барање, како составен дел од целокупната операција на националното друштво за справување со мигрантската криза во Република Македонија.

< врати се назад