СЕМИНАР ЗА ЕДУКАЦИЈА НА МЛАДИ МОТИВАТОРИ ЗА КРВОДАРИТЕЛСТВО СО КЛУБОВИ 25 И КЛУБ НА КРВОДАРИТЕЛИ
Семинарот се одржа во хотел Солферино, Струга од 15-17 септември 2017 година под мотото “Улогата на младите во процесот на мотивирање”.
На семинарот учествуваа 23 учесници – млади мотиватори од Клубовите 25 на Градската организација на Црвен крст на Скопје, општинските организации на Црвен крст Битола и Охрид, млади од Клуб 25 на Црвен крст Тирана – Албанија и Клуб 25 на Црвен Крст Нови Сад од Република Србија, и 8 членови на Клубот на крводарители на Црвен крст на Скопје.
Учесниците на семинарот покажаа голема мотивираност за работа и активно учество на работилниците, интерес за презентираните теми, активно споделување на искуства, знаења и вештини, голема креативност и посветеност на тимската работа. Во групите се разви позитивна и работна атмосфера која резултираше со успешна работа и усвојување на нови знаења – што е предуслов за нивна идна добра активност како мотиватори за доброволно крводарителство.
Посебна придобивка на семинарот беше можноста за размена на искуства со претствниците од Албанија и Србија и градење на пријателства меѓу учесниците – како можност за идна заедничка соработка на полето на доброволното крводарителство.
Содржините и работилниците на семинарот овозможија сите учесници активно да се вклучат во работата, можност да го искажат своето мислење и да го споделат искуството, можност да научат како се подготвува анкетен прашалник за поширока популација на тема крводарителство, спроведување на анкета, подготовка на кампања за промоција на крводарителство меѓу младите, тим и тимска работа, мотивација и демотивација кај младите, како да ги искажат своите презентерски вештини, подготовка на плакат за крводарителство и SWOT анализа.
На 16 септември 2017 година од страна на младите од Клубови 25 и членовите на Клубот на крводарители поделени во 4 групи беше спроведена анкета во централното подрачје на градот Охрид. Анкетниот прашалник беше подготвен од страна на учесниците на семинарот и беа анкетирани 40 лица. Резултатите од анкетата покажаа дека граѓаните на Охрид и туристите не се доволно информирани за крводарителството..
Семинарот беше можност да се добијат нови информации и да се научат нови содржини за крводарителство, меѓусебно да се информираат за активностите на Клубовите 25 и Клубот на крводарители, да ги споделат позитивните искуства и примери преку power point презентации и видео материјали.
Учесниците на семинарот имаа можност преку On line квиз апликација да си ги проверат своите знаења од тематика крводарителство. На крајот на семинарот преку евалуација се споделија очекувањата и се донесоа одредени заклучоци.