октомври 29, 2013

Студиска посета од страна на делегација на Црвен крст на Црна Гора

crna_goraВо периодот од 17-ти до 21-ви ноември 2013 година, претставници од Црвениот крст на Црна Гора реализираа студиска посета на Црвениот крст на Република Македонија, во рамките на проектот за активно стареење преку адвокативност кој е финансиски поддржан од ЕРСТЕ фондацијата и Австриски Црвен крст. Делегацијата од Црвениот крст на Црна Гора беше составена од осум претставници од општинските организации на Црвен крст Подгорица, Никшиќ, Бар и Мојковац каде што се имплементираат слични активности.

Целта на студиската посета беше да се разменат искуства и добри практики помеѓу обата тима кои ги имплементираат активностите во своите држави. За таа цел, претставниците најпрвин го посетија Црвениот крст на град Скопје, во чии рамки функционира Дневниот центар за стари лица. Таму имаа можност од прва рака да се запознаат со конкретните активности кои се спроведуваат во центарот, како и да разменат искуства со лицата кои ги спроведуваат тамошните активности. Меѓудругото, беа остварени средби и со повеќе клиенти на Центарот.

Во рамките на студиската посета, беше посетена и општинската организација на Црвен крст Велес, каде што беше организирана Тркалезна маса за Потребата од грижа во домашни услови за стари лица, во рурални средини. Покрај претставниците од Црвениот крст на Република Македонија и Црна Гора, присуствуваа и претставници на останатите локални институтиции и истите заеднички имаа можност да дискутираат на темата, како и да разгледаат различни можности и искуства. Покрај наведеното, се оствари и средба со локалниот тим кој ги имплементира активностите, со цел размена на искуства и добри практики.

Студиската посета беше искористена и за посета на општинската организација на Црвен крст Крива Паланка, каде што исто така се имплементираат активности за грижа за стари лица во домашни услови. Посетата беше искористена за остварување на заеднички состанок каде што се разменуваа искуства и добри практики, а покрај тоа и за теренска посета на клиенти.

< врати се назад