Учество на 18-от Меѓународен фестивал на филмови на Црвениот крст и Здравството
Во периодот13-21,06,2019 година во Варна, Бугарија, се одржа 18-от по ред меѓународен фестивал на филмови на Црвениот крст и здравството. На фестивалот беа претставени филмови од целиот свет, а присутни делегации имаше од Националните друштва од Северна Македонија, Романија, Грција, Турција и Бугарија, потоа филмски продуценти и сценаристи од Бразил, Бугарија, Иран, Индија, Италија, Кипар, САД, Србија и Турција. Од Црвениот крст на Репбулика Македонија присуствуваше Претседателот д-р Ромел Велев. Како дел од филмската програма на фестивалот беше емитуван и филмот „Бездомникот“ подготвен од страна на Црвениот крст на РМ кој говори за програмата која националното друштво спроведува за поддршка на бездомниците во државата.
Филмскиот фестивал има традиција од 1965 година како настан на кој се промовираат филмовите во движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина, но и на други организации, а се со насока на промовирање на програмите за зачувување на човековото здравје и достоинство. Со поддршка на Меѓународната Федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, УНЕСКО и Светската Здравствена организација, добива високо признание за „А категорија“ која го сместува во ранг на филмските фестивали кои се одржуваат во Кан, Сан Себастијан, Венеција и други. За 18-то издание од фестивалот пријавени беа над 3000 филмови од вкупно 118 држави, од кои во програмата избрани беа да се емитуваат 206 од 59 држави.
Во церемонијата на отворањето на фестивалот учествуваа Вице-Премиерот на Владата на Република Бугарија г-ѓа Илиана Јотова, која воедно е и патрон на фестивалот, градоначалникот на градот Варна Иван Портних, Претседателот на Бугарскиот Црвен крст Акад. Христо Григоров, директорот на филмскиот фестивал Илко Раев, претставници од дипломатскиот кор во Бугарија и други почесни гости.