Започната имплементација на проект „Превенција од болести на зависности“ подржан од страна на Црквата на Исус Христос и подоцнежните светци
Црвениот крст на Република Македонија во рамките на програмските активности за превенција од болести на зависности, оваа година обезбеди поддршка од страна на Црквата на Исус Христос и подоцнежните светци за проектот „Превенција од болести на зависности“, кој ќе се имплементира преку општинските организации на Црвениот крст Центар, Чаир, Карпош, Кочани, Куманово, Крива Паланка, Битола, Струга, Струмица и Велес. Поддршката е во висина од 727 240 денари или околу 13 070 УСД. Станува збор за проект кој има за цел да се подигне свеста во заедниците за превенција од болестите на зависности кај ученици од основни и средни училишта.
Проектот ќе се имплементира во периодот септември-декември 2015 година а ќе опфати подготовка на прирачник за врснички едукатори, подготовка на едукативни флаери за превенција од алкохолизам, пушење и дроги на македонски, албански и ромски јазик, обука на 30 волонтери на Црвен крст на Република Македонија за одржување на врснички едукации за млади, одржување на најмалку 100 работилници со ученици од основни и средни училишта, одржување на трибини со локални институции, медиуми и население за подигање на свеста за организирање на активности за превенција на болестите на зависности, и други промотивни активности. На 09,09,2015 и 10,09,2015 во Куманово и Битола одржани се инструктивни работилници за информирање на секретарите и волонтерите од овие општински активности за редоследот на активностите и задолженијата за претстојниот период.