11 ти Септември
Почитувана Г-ѓа Кејт Мери Брнз Амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, Почитувани претставници на амбасадата, почитувани претставници на институции, дипломатски претставништва, крводарители, волонтери, претставници на медиуми, дами и господа.
Денес уште еднаш се потсетуваме на 11ти септември 2001 година. Трагедија која однесе многу животи на недолжни луѓе. Тој настан не научи како во неволја да бидеме сложни, единствени, солидарни и хумани.
11 ти септември 2001 година и по 20 години претставува болно сеќавање не само за Американскиот народ туку и за целиот напреден свет.
На денешниот настан секој од нас на свој начин и со личен пример може да понуди помош на тие што таа помош им е потребна. Ова е можност да ги артикулираме различностите и да ги претвориме во хуманитарни ефекти. Тоа е пораката што денес сакаме заедно да ја упатиме од овде. Нека денешниот ден не потсети колку е важно да сме заедно, да даруваме и да одвоиме дел од себе, да помогнеме на ранливото население, да помогнеме на оние на кои им е потребна помош, на оние кои имаат потреба од нас.
Изминативе две години сведоци сме на последиците на глобалната пандемија со КОВИД 19, која се рефлектираше во сите животни пори и силно влијаеше врз колективното и јавното здравје. Таа однесе многу животи, предизвика бројни страдања кои за жал неможевме да ги спречеме. Но сепак ова беше можност уште еднаш да дојде до израз хуманоста и солидарноста кои и во оваа прилика го надминуваат локалното, регионалното и добиваат глобални димензии. Силно сме уверени дека солидарноста едни кон други не прави посплотени и поединствени. Да се биде солидарен со другите е универзално чувство кое ни помага да ги надминеме страдањата од минатото и сегашноста и да се свртиме кон иднината. Денес се солидаризираме со сите настрадани од КОВИД 19 со што покажуваме дека никој на овој свет не треба да биде заборавен.
Во справувањето со пандемијата главниот терет во редовите на нашата организација го поднесоа нашите волонтери. Имавме ангажирано над 600 волонтери кои реализираа над 126.000 волонтерски часови, дадоа помош и поддршка на над 200.000 граѓани. Бевме силна поддршка на здравствениот систем во справувањето со предизвиците од оваа пандемија. Придонесот и поддршката која ја обезбедуваат волонтерите не само што го подобрува животот на ранливото население туку го подобруваат истовремено и животот на самите волонтери.
Уверен сум дека секој човек може да биде добар волонтер, да даде дел од своето слободно време, да ги стави на располагање своте лични и професионални капацитети како животоспасувач, како помагател, пожарникар, волонтер во сервиси за помош на ранливите. Да се има луѓе од различна возраст, со различна етничка, верска и родова припадност во своите редови претставува вистинско богатство и капитал. Сето тоа го поседува организацијата на Црвениот крст на Република Северна Макединија.
Истакнувајќи го значењето на денешниот настан ја истакнувам и големината на сите тие кои се вклучуваат како волонтери во заедницата. Тоа се позитивни примери, личности кои мотивираат и инспирираат, личности кои хуманоста и солидарноста ја живеат како дел од сопствената животна рутина. Тие се тука меѓу нас, херои кои постојано не потсетуваат на позитивните хуманитарни вредности.
Дами и господа дозволете ми да ја упатам до сите Вас мојата лична благодарност и благодарноста од името на Црвениот крст и крајните корисници.
Почитувана Г-ѓа Брнз посебна благодарност до Вас и Вашиот персонал што ги отворивте вратите на амбасадата и дадовте уште еднаш можност за сите нас да покажеме личен пример и чувство за придонес, унапредување и промовирање на хуманитарните вредности.
Ви благодарам за денешното внимание.