март 17, 2018

17-ти Март

Во пресрет на ден 17-март –Ден на Формирањето на Црвениот крст на Република Македонија и Ден на крводарителството во Република Македонија, Црвениот крст на Република Македонија оваа година на 16-ти март денот го одбележа работно и свечено. Работниот дел се започна со одржување на Третата седница на Собранието на Црвениот крст на Република Македонија за мандатниот период 2017-2021 година. Согласно одредбите од Статутот, на седницата се донесе новиот Деловник за работа на Собранието, се потврдија Програмата за работа и Финансовиот план за 2018 година а се усвоија Годишниот извештај за работа и Годишниот финансиски извештај за 2017 година. Пред присутните свое обраќање за овие документи поднесоа д-р Саит Саити, Генерален секретар на Црвениот крст на РМ и Сашо Талески, Раководител на Секторот за програми во Централната канцеларија на Црвениот крст. На Свечениот настан кој се одржа во салата Sguare 21 во Скопје, свое пригодно обраќање имаше д-р Ромел Велев, претседател на Црвениот крст на Република Македонија кој се осврна на улогата, задачите и целите на Организацијата. 17- март е значаен ден за крводарителството а поддршката пристигнува од министерството за здравство и Институтот за трансфузиона медицина. Свечениот настан е збогатен со присуство на челните лица на овие институции Д-р Венко Филипче, министер за здравство и Д-р Кочо Димитровски, директор на Институтот за трансфузиона медицина, кои во своето обраќање ја истакнаа соработката со Црвениот крст и хуманоста на крводарителите. Со Одлука на Раководниот одбор на Црвен крст на РМ со финансиски средства се наградени трите најуспешни општински организации на Црвен крст – Центар, Велес и Виница а вкупно 18 (осумнаесет ) Општински организации кои го надминале планот на крводарителството за 2017 година добија признанија-Плакети, согласно Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во РМ која секоја година ја донесува Владата на Република Македонија. Честитајќи го овој празник, Црвениот крст на Република Македонија оддава признание и благодарност на сегашните и идни крводарители кои со чинот на крводарувањето спасуваат нечиј живот, како и на сите волонтери и членови на оваа најмасовна хуманитарна организација. Нека е честит денот.

< врати се назад