октомври 15, 2018

18 Октомври – Европски ден на борба против трговија со луѓе

Црвениот крст на Република Македонија како член на Секретаријатот на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција со организирање на превентивни активности се вклучува во одбележување на 18 октомври – Европски ден на борба против трговија со луѓе. По повод 18 октомври, ќе  се организираат  работилници за врсничка едукација на млади во основни и средни училишта кои ќе се спроведат преку  Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст Центар, Карпош, Кисела Вода, Охрид Велес, Прилеп, Крушево, Ресен, Берово, Радовиш, Гевгелија, Кавадарци, Кочани, Струга, Дебар, Македонски Брод, Тетово, Демир Хисар, Гостивар.

Превентивните лекции имаат за цел подигање на свеста на младите, препознавање на  начините преку кои младите  можат да бидат вовлечени во трговијата со луѓе и нивна самозаштита. Преку  вкупно 25 едукативни работилници ќе се опфатат над 600 ученици од основни и средни училишта, како и волонтери и вработени на Црвениот крст. По повод денот, мобилниот тим во Липково при Црвен крст на град Скопје ќе организира еднодневен марш заедно со локалното население од с. Лојане и с. Ваксинце, како и претставници од МВР – Гранична полиција север, НВО Легис и НВО граѓански развој со цел подигање на свеста против овој вид на „модерно ропство“.  

< врати се назад