декември 5, 2022

5-ти декември, Светски Ден на волонтерството

Волонтерството претставува основа за социјално и економско трансформирање преку кое се обезбедува трајно влијание заради способноста на овој хуман чин да влијае на начинот на размислување, ставовите и однесувањето на луѓето. Преку волонтирањето луѓето стануваат двигатели на промени и подеднакви партнери за реализирање на локален, национален и меѓународен напредок за одржлив развој на луѓето и глобален мир. 

Работата на Црвениот крст и Црвената полумесечина се потпира на придонесот на волонтерите.  На глобално ниво, во националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина има околу 15 милиони волонтери. Оваа година, Црвениот крст на РСМ го одбележува Светскиот ден на волонтерството, 5-ти декември под мотото солидарност преку волонтирање со цел да се оддаде признание за придонесот на волонтерите и да се подигне свеста за значењето на хуманоста како основна нишка за позитивни промени кај луѓето преку чинот на волонтирање.

Црвениот крст на Република Северна Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на волонтерството, 5-ти декември со различни пригодни активности и свечености на општинските организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје ширум државата.

Продолжуваме да го негуваме и поттикнуваме волонтерството заради остварување на нашите заеднички цели – да бидеме хумани и достоинствени и да им помагаме на луѓето кои се нашле во неволја.

Благодарност до сите волонтери на Црвениот крст на РСМ за нивниот придонес и поддршка.

Нека е честит 5-ти декември, Светскиот Ден на волонтерство

< врати се назад