декември 29, 2016

Благодарност

Почитувани,

На почетокот, дозволете ми од името на Црвениот крст на Република Македонија, да се заблагодариме за континуираната поддршка на медиумите во Република Македонија за навременото и транспарентно информирање за активностите и работата на Црвениот крст на Република Македонија за време на нашата операција за обезбедување на поддршка за погоденото население од поплавите кои се случија на 06.08.2016 година во регионот на Скопје и Тетово.

Со големо задоволство сакаме да истакнеме дека благодарение на заедничките напори на сите одговорни чинители од земјата и странство, во согласност со основните принципи на Меѓународното Движењето на Црвен крст и Црвена полумесечина, успеавме да одговориме на предизвиците и да ги задоволиме приоритетните потреби на погоденото население.

Поддршката се реализираше во неколку фази и се состоеше во обезбедување на материјална и финансиска поддршка за населението во погодената област. Во продолжение сакаме накратко да ги заокружиме и претставиме најважните показатели кои се нотирани на крајот на нашата операција.

Во текот на ургентната фаза, волонтерите и вработените на Црвениот крст на Црвениот крст континуирано беа присутни на теренот и дистрибуираа храна, вода и други намирници како и ќебиња и други итни потреби за покривање на потребите на погоденото население на терен. Истовремено, во периодот од 8-31 август 2016 година се спроведе кампања за собирање на средства преку која сите заинтересирани физички и правни субјекти и меѓународни донатори донираа преку мобилните оператори и преку уплати на сметката на солидарност на ЦКРМ вкупно 76.796.504 мкд со што се обезбеди директна финансиска помош за 4.550 семејства (по 13.285,00 мкд за секое семејство) согласно проценката на Државната комисија за проценка на штети од поплавата. Исто така,100 семејства со лица со посебни потреби добија двократна финансиска помош од по 166,7 евра.

Преку обезбедените материјални донации во овој период дистрибуирани се 34.036 пакети со храна, 31.004 дневни пакети и топли оброци, 46.377 лит. млечни производи, 7.008 пакети со хигиена, 2.577 бебешки пакети, 315 тони вода, 586 душеци, 4.590 ќебиња, 600 кг облека, 764 парчиња чизми, 341 л дезинтал. Исто така обезбедени се 185 асистенции по прва помош од страна на екипите на Црвениот крст.

Преку инструментите на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина за итен одговор при катастрофи обезбедени се дополнителни средства во износ од 310.228 CHF со кои е обезбедена дополнителна хуманитарна помош за вкупно 2.300 семејства или 4.600 месечни семејни пакети со храна, 3.000 дневни пакети со храна, 1.000 дневни пакети со производи за хигиена, 2.300 месечни пакети со производи за хигиена и 300 месечни пакети со производи за бебиња, 2.000 ќебиња, 400 душеци, 530 пара гумени чизми и 60 сетови за дезинфекција.

Исто така за Црвениот крст на РМ обезбедена е и дополнителна поддршка за погоденото население со Одлука на Владата на Република Македонија (Службен весник на РМ “БР 176/2016 година)  која е дистрибуирана како хуманитарна помош за поплавените подрачја во Скопскиот/Тетовскиот регион:  600 семејни сетови за хигиена, 25.992 л минерална вода,  5.658 кг месо, 14.499 кг паштета,  2.550 кг зеленчук во конзерва, 2.000 пешкири и 4.940 парчиња детски пелени.

Во периодот 12.08.2016-12.08.2017 година со поддршка на Австриската развојна агенција и Австрискиот Црвен крст се спроведува проект за „Рано опоравување и зајакнување на отпорноста на заедниците“ во чии рамки веќе се исплатени за два месеци по 27.650 МКД на 320 семејства кои се идентификувани како најранливи социјални случаи во зафатениот регион од поплавата од страна на Црвениот крст на Република Македонија заедно со центрите за социјална работа. Покрај финансиската поддршка на овие 320 семејства, во рамките на 6 основни училишта во текот на годината се предвидени поголем број на активности и работилници со ученици, наставници и родители а дополнително се обезбедени и училишни ранци и прибори за 600 ученици. Вкупната вредност на проектот изнесува 475 424 евра.

Дополнително од страна на Амбасадата на Полска се добиени 1.072.148 мкд, со кои се купени 2.300 месечни пакети со храна кои се дистрибуирани во погоденото подрачје. Од страна на Турската Црвена полумесечина, добиена е  донација со вкупна вредност од 9.370 евра што се состои од 500 лопати, 39 копачи, 200 четки од жица, 100 рачни колички, 300 црева, 500 пара ракавици, 300 пара чизми, 500 маски и 400 дршки за лопати. Донацијата е поделена во најзагрозено подрачје со претставници на Турската полумесечина и претставници на Црвениот крст на Република Македонија.

На крајот сакаме да истакнеме дека сите добиени финансиски средства за оваа операција се наменски потрошени заклучно со истекот на месец декември 2016 година. За целата дистрибуирана хуманитарна помош и финансиски трансфери постои детална наративна и финансиска документација која е достапна на увид на донаторите партнерите и сите заинтересирани чинители.

Во името на Црвениот крст на Република Македонија сакаме да искажеме голема благодарност до сите донатори, компании, владини и невладини организации, амбасади и граѓани за целокупната поддршка на хуманитарната акција за обезбедување на поддршка на погоденото население во поплавите од 06.08.2016 година во Скопје и Тетово, и воедно да Ви ги честитаме новогодишните и божиќните празници.

< врати се назад