октомври 15, 2020

ЦКА-ПХВ недела, 21-27 септември

Цел на неделата: Промоција на култура, толеранција, мир и соживот меѓу младите

2020 година ќе биде запаметена како година во која брзо мораше да се постават други приоритети на нашето работење. За жал дел од активностите кои се редовни во нашата организација, оваа година беа стопирани. Една од тие активности е и ЦКА-ПХВ програмата. На почетокот на 2020 година сѐ се одвиваше според зацртаниот план, се избраа дисеминатори, се обучија младинците и бевме на чекор од започнување на малите проекти во ООЦК.

Овогодинешниот ЦКА-ПХВ циклус беше прекинат со одлука на Раководен одбор на ЦКРСМ, но со задолжување за спроведување на ЦКА-ПХВ неделата во вонредни услови. Треба да се земе во обзир дека ЦКА-ПХВ неделата се одбележува од 2012 година, секоја година унифицирано и иновативно. Оваа година, заради Ковид-19 пандемијата, заради неможноста младите да бидат заедно, заради неможноста да ја анимираат јавноста, да имаат јавни собири и сл. беа ддени насоки за онлајн реализација на ЦКА-ПХВ недела.

Низ годините одбележувањето на ЦКА-ПХВ недела:

  • 2012 година – драма “Погодете кој доаѓа на вечера”
  • 2013 година – ТВ Шоу со краток ПХВ филм, со презентирање на локална музика и танци
  • 2014 година – Заедничко танцување познато како flash mob на музичката нумера Happy
  • 2015 година – Поетски читања на различити јазици кои се користат во нашата земја
  • 2016 година Театарска претстава “Приказна за една идеја” (животот и делото на А. Динан)
  • 2017 година-Пантомима настан и избор за најдобар расказ и фотографија
  • 2018 година-Приказни за хероите во мојот град
  • 2019-Дефилирај, не се фолирај

2020 година:

Оваа година, насоките беа заеднички да се твори и да направи трајно наследство за својот клуб и за својата Општинска организација на Црвен крст преку компонирање на музичка нумера. Песните што се напишани и отпеани се поврзани со ЦКА-ПХВ програмата, со Црвен крст, со вредностите, со добрината, хуманоста, пријателството….и сите добри нешта кои впрочем и ги промовира Црвениот крст. Песните се пишувани од страна на повеќе волонтери, заеднички, чекор по чекор. Се поттикна и употребата на други јазици како албански, турски, ромски, српски, влашки особено каде функционираат двајца дисеминатори кои обучуваа две групи на младинци паралелно на различен јазик. Во мешаните средини се направи една песна и младинците заедно твореа, ја отпеаја, компонираа, аранжираа и ја снимија истата. Снимени се вкупно 25 песни кои се прегледани повеќе од 30.000 пати, што претставува голема промоција како на младинскиот ангажман така и на знакот на Црвениот крст.

ООЦК кои снимиле песна се: Битола, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Делчево, Кичево, Кавадарци, Кочани, Крушево, Куманово, Неготино, Охрид, Прилеп, Радовиш, Ресен, Струга, Струмица, Штип, Гази баба, Карпош, Центар, Кисела Вода, Чаир, град Скопје. Во Демир Хисар, Пробиштип и Тетово се подготви само текст, додека пак во Дебар се изведе инструментален сплет. Во Гостивар песната се подготвува и ќе биде дополнително доставена.

 

Во 2021 година сите песни ќе бидат снимени во професионално студио и ќе останат како трајно материјално наследство на ЦКРСМ, да се пејат на секој настан од страна на овие и сите идни волонтери.

На социјалните медиуми и ЦКА-ПХВ инструкторите им се заблагодарија на волонтерите за нивната работа,  мотивираност и желба за волонтирање и промените кои ги прават во нашата зедница.

< врати се назад