Ден на формирање на Црвен крст на РСМ и Ден на крводарителство во РСМ
Ми причинува посебна чест и задоволство да ви се обратам и да ви го честитам 17-ти Март – Денот на формирањето на Црвениот крст на Северна Македонија. Денес се потсетуваме на нашите сограѓани – визионери и хумани луѓе кои далечната 1945 година решија да се здружат и официјално да го формализираат хуманитарно патешествие на Црвениот крст во нашата земја, следејќи ги принципите на Анри Динан и Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина.
Со задоволство можеме да кажеме дека во изминатите 79 години нашата организација континуирано расте, се развива и надградува, и бележи исклучителни резултати во спроведување на бројни хуманитарни активности во национални и светски рамки, давајќи свој скромен придонес во унапредување на здравјето и добросостојбата на граѓаните, особено на целните групи кои ги опслужуваме во Република Северна Македонија, но и преку нашето учество во бројни хуманитарни кампањи за помош на настрадани при катастрофи во многу земји во светот.
Посебно ни е драго што нашите хуманитарни напори се препознати, признати и вреднувани од институциите и партнерите во нашата земја и во меѓународни рамки, но пред се од нашите сограѓани кои во континуитет обезбедуваат поддршка со финансиски средства и донации но и преку волонтирање и учество во работата на нашата организација.
Почитувани,
Хуманоста не се учи. Таа ја носиме и ја поседуваме во себе, во нашиот дух. Горди сме што постојано сме опкружени со хумани луѓе, кои секојдневно ја покажуваат својата солидарност и желба да помогнат на луѓето на кои им е потребна поддршка. Во исто време, среќни сме што ја имаме привилегијата како волонтерска организација да ги обединиме желбите, стручноста и хуманоста на нашите волонтери во локалните заедници за да бидеме секогаш и секаде каде што е најпотребно, особено при кризни состојби, кога помошта е најпотребна.
Не случајно, на денот на нашето формирање, го одбележуваме и Денот на крводарителството во Република Северна Македонија. Нашите крводарители се нашата инспирација – луѓе кои секојдневно ја искажуваат својата солидарност и хуманост да помагаат и дадат дел од себе за доброто на другите.
Доброволното дарување крв претставува израз на високо етички, хуманитарни и морални вредности кои ја одликуваат армијата крводарители во нашата земја. Горди сме што Црвениот крст на Северна Македонија, долги години заедно со Институтот за трансфузиона медицина и Министерството за здравство, бележиме исклучителни успеси на полето на крводарителството.
Честитки и благодарност за сите наши крводарители и партнери кои придонесуваат заедно и солидарно да ги обезбедиме потребните количини крв за задоволување на потребите на здравствениот систем. Дозволете ми да упатам посебна честитка до сите наши општински организации на Црвен крст кои остварија одлични резултати во измината година, далеку надминувајќи го зацртаниот план. Истовремено, сакам да ве уверам дека како организација ќе продолжиме да работиме со нашите партнери на промовирање и моделирање на нови активности кои ќе ни овозможат да бидеме во чекор со новите трендови во крводарителството и остварување на уште подобри резултати во иднина.
Почитувани. Дозволете ми од името на Црвениот крст на Северна Македонија уште еднаш да ви го честитам 17-март, Денот на формирањето на нашето национално друштво и Денот на крводарителството во Северна Македонија. Ве поканувам заедно да продолжиме по патот на хуманоста и солидарноста и да бидеме инспирација за новите генерации на хуманисти и крводарители.