март 30, 2022

Еднократна парична помош за семејства со социо-економски ранливи и лица со попреченост

На 30.03.2022 година во просториите на Црвениот крст на РСМ, Генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ д-р Саит Саити и Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска дадоа изјавија за медиумите во врска со имплементација на активности за дистрибуција на еднократна парична помош за семејства кои се социо-економски ранливи и лица со попреченост.

Во рамките на  проектот “Зајакнување на отпорноста на стари лица и лица со попреченост за време на КОВИД-19 и идни катастрофи”, поддржан од:  Европската Унија, Австриска Агенција за развој и Австрискиот Црвен крст, Црвениот крст на РСМ ќе поддржи 1000 корисници со право на гарантирана минимална помош, во чии домаќинства има член над 69 годишна возраст, со еднократна парична помош во висина од 4.685,00 денари. Корисниците се мапирани во соработка со МТСП од нивната база на податоци  на корисници. Помошта е значајна поддршка за покривање на основните потреби и средствата може да се искористат за трошоци за лекови / медицински услуги, основни средства за домаќинство / храна / хигиена и други итни потреби како одговор на предизвици од пандемијата КОВИД-19.

Генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ д-р Саит Саити истакна дека по исплатата на финансиската помош, Црвениот крст ќе организира посета на  сите 1000 корисници, за што ќе бидат ангажирани волонтери на Црвениот крст. Волонтерите при посетата ќе пополнат Прашалник со корисниците со цел да се добијат повратни информации за  употребата на финансиската помош обезбедена преку проектот. Посетите ќе се спроведат во период  април – мај 2022 година.

< врати се назад