Едукативната работилница за волонтери на Црвениот крст
Црвениот крст на Република Македонија во рамките на проектот: „Подобрување на социјализацијата на деца и млади со посебни потреби“ поддржан од страна на Комерцијална банка АД Скопје, во соработка со Заводот за социјални дејности, од 10 до 12 март 2017 година, организираше едукативна работилница која се одржа во Центарот „Солферино“ во Струга.
Целта на работилницата беше да се едуцираат нови волонтери на Црвениот крст за да добијат одредени знаења и вештини за пристап и поддршка на децата и младите со посебни потреби. На работилницата присуствуваа по тројца волонтери на Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст Прилеп, Кавадарци, Велес, Кичево, Делчево, Дебар и Гостивар. Содржините за правата на лицата со посебни потреби, комуникација и тимска работа беа пренесени од страна на Весна Самојловска – претставник на Заводот за социјални дејности.
Учесниците во текот на работилницата покажаа интерес за темите на обуката, подготвеност за учење, нивна креативност и мотивираност за работа, споделување на искуства и знаења, како и меѓусебното дружење и соработка.
Покрај волонтерите на работилницата учествуваа и локалните координатори на проектните активности и претставници на дневните центри за деца со посебни потреби. На работилницата беа претставени локалните акциони планови за имплементација на активностите во текот на годината. Исто така беше најавен и заедничкиот настан „Хуманитарен базар“, кој ќе биде организиран на крајот на годината со вклученост на вработените на Комерцијална банка.
На работилницата беше направена и презентација на параолимписката игра за лица со посебни потреби „Бочиа“ од страна на Александар Николов претставник на Дневен центар во Делчево. Оваа игра претставува пренос на ефективни решенија кои го активираат виталниот развој, ги изедначува можностите и ги зајакнува физичките активности на лицата со хендикеп преку користење на Параолимпискиот спорт „Boccia“. Волонтерите и локалните координатори, како и претставниците на дневните центри имаа можност да дознаат за правилата на оваа игра и да ја применат со децата во дневните центри.
На работилницата беше предложено да се продолжи со континуирана едукација на волонтерите, за зајакнување на нивните капацитети за обезбедување на поддршка во подобрување на социјализацијата на децата и младите со посебни потреби.