Јавен настап на кандидатот за Претседател на Црвен крст на Република Северна Македонија
Согласно Одлуката за распишување на избори на сите организациони нивоа на Црвениот крст на Република Северна Македонија и Роковникот за изборни дејствија на Црвен крст на РСМ, на ден 17.06.2022 година во просториите на Хотел „Мериот“ со почеток во 18:00 часот се одржа јавниот настап за претставување на кандидат за претседател на Црвениот крст на Република Северна Македонија за мандатниот период 2022 – 2026 година од страна на кандидатот Проф. д-р Ромел Велев.
Од страна на кандидатот беше претставена неговата биографија преку краток видео формат со посебен осврт на искуството и волонтерските активности во Црвениот крст на Република Северна Македонија како и Програмата за работа насловена под името „Платформа за промени 2022 – 2026“ во која беа презентирани идните предизвици, приоритети и гледишта во однос на Националното друштво во наредните четири години, како и мотивацијата за позицијата Претседател на Црвен крст на Република Северна Македонија.
По претставувањето се отвори дискусија од страна на присутните во врска со идеите, амбициите и приоритетите на кандидатот како и неговите гледишта во поглед на организацијата.
На јавниот настап беа присутни 100 лица меѓу кои беше присутен и Генералниот секретар на Црвен крст на РСМ д-р Саит Саити, Претседателите и членовите на раководни одбори на Општинските организации на ЦКРСМ/Црвен крст на град Скопје, како и волонтерите, членовите, Секретарите и вработените во Општинските организации на Црвен крст на Република Северна Македонија/ Црвен крст на град Скопје и Стручната служба на централната канцеларија на Црвен крст на Република Северна Македонија.