Креирање на можности за нови вработувања на жената
Во рамки на проектот „Креирање на можности за нови вработувања на жената“, во месеците март и април отпочна процесот на селекција на кандидатки за негувателки на стари и немоќни лица.
Во овој период проектниот тим спроведе три сесии за презентација на проектот пред 103 долгорочно невработени жени во просториите на Агенцијата за вработување – Скопје. Тимот ги презентираше целите и главните активности опфатени со проектот. Акцент беше ставен на придобивките од обуката за негуватели, зголемување на конкурентноста на пазарот на трудот, јакнење на личните компетенции како и на можностите за вработување.
Над педесет кандидатки беа опфатени во процесот на селекција кој опфаќа кратко интервју, социолошки и психолошки прашалник. Желбата за професионално јакнење и интересот за оваа професија ги мотивираа нашите кандидатки да се јават на овој повик.
Во истиот период, тим од тројца експерти ја креираа Програмата за обуката на негуватели/-ки на стари и немоќни лица со цел за понатамошна верификација на истата. Преку посета на верификуваната програма кандидатите кои успешно ќе ја завршат обуката ќе се стекнат со сертификат којшто е признат во Република Македонија.
Обуката која ќе се состои од теоретски дел и дел од практично искуство во домашни услови (пилот услуги), што ќе се реализира во период од шест месеци (јуни – ноември) и истата ќе ја води стручен тим од доктор, медицинска сестра и социјален работник.
Проектот „Креирање на можности за нови вработувања на жената“, е имплементиран од страна на Црвениот крст на Република Македонија во партнерство со Здружението Хуманост, Скопје и Австрискиот Црвен крст и финансиран од Европска Унија, во рамки на Оперативната програма за развој на човечките ресурси 2007-2013 (ИПА компонента 4).