Обраќање по повод 8-мај, Светски Ден на Црвениот крст и Црвена полумесечина
Почитувани,
Се што правиме – го правиме “Од Срце”. Оваа порака која ја споделуваме денес на одбележувањето на 8-Мај Светскиот Ден на Црвениот крст и Црвена полумесечина ги отсликува најискрените заложби и идеали на целото Движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, кое од своето формирање па до денес промовира хуманост и солидарност, меѓусебно почитување и толеранција и искрена поддршка за сите оние кои се нашле во незавидна положба како резултат на војни, судири, природни катастрофи и несреќи, миграции, болести, сиромаштија и друго.
Како организација сме посебно горди што веќе 78 години достоинствено ја спроведуваме нашата мисија, обединувајќи ги иницијативите и хуманоста на младите и повозрасните, на луѓето кои имаат и сакат да помогнат и на оние кои немаат и се справуваат со најразлични предизвици. Исто така, ни причинува посебно задоволство што нашата работа секогаш наидува на разбирање и поддршка од државните институции, компании и меѓународни организации кои го препознаваат Црвениот крст на Република Северна Македонија како партнер кој работи во интересот на граѓаните, секогаш подготвени од срце да го дадеме најдоброто од нас, за да го направиме нашето општествено опкружување попријатно место за живеење на сите граѓани на Република Северна Македонија.
Среќни сме што интересот за волонтирање и членување во нашата организација е во постојан подем и што луѓето веруваат дека преку нивното ангажирање во Црвениот крст и ден денес може да ги почувствуваат истите вредности и хуманитарни принципи кои го одбележуваат 160 годишното постоење на Меѓународниот Црвен крст и Црвена полумесечина.
Уверени сме дека сите овие млади луѓе кои се тука со нас денес и го носат обележјето на Црвениот крст, во духот на нашето мото, Од Срце ја сакаат нашата организација и од срце одвојуваат од своето слободно време да подадат рака и да му помогнат на секој оној на кој му е потребна поддршка.
Срцето иако е многу мало, во него има многу место за љубов и хуманост. А во Црвениот крст исто како и во срцето, има секогаш многу место за сите луѓе кои сакаат да помогнат, кои сакаат да се дружат, кои сакаат да ја негуваат хуманоста и добросостојбата на луѓето околу нас. Денешниов настан нека биде покана за сите луѓе да се приклучат на Црвениот крст, каде се негуваат човековите вредности, со искрено почитување на нашите различности. А тоа ние секогаш го правиме од срце.
Дозволете ми на крај, на сите наши волонтери, членови и поддржувачи, да ви го честитам 8-мај Светскиот Ден на Црвениот крст и Црвена полумесечина и да ви посакам многу успеси во реализацијата на вашите хуманитарни иницијативи.
Претседател, проф. д-р Ромел Велев