Oбука на врснички едукатори за превенција од трговија со луѓе
Во периодот 21-24,08,2020 година во Центарот за обука на кадри „Солферино“ во Струга, се одржа работилница за обука на тренери за врснички едукатори за превенција од трговија со луѓе со акцент на миграции финансиски поддржан од Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина. На работилницата учествуваа вкупно 11 претставници од ООЦК на територија на град Скопје, ЦКГС, ООЦК Битола, ООЦК Куманово и претставници од мобилните тимови ангажирани во транзитните центри во Винојуг и Табановце. Во текот на обуката најпрвин се стави акцент на значењето на примената на методологијата на врсничка едукација во програмите кои директно се однесуваат на здравјето и безбедноста на младите. Сесиите беа спроведени согласно прирачникот за врснички едукатори на Црвен крст на РМ кој е во согласност со „Стандарди за врсничка едукација“ на Светска Здравствена Организација и прирачник за борба против трговија со луѓе на Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина. Детално се разработуваа видовите на трговија со луѓе, фазите, мерките на претпазливост како и методи на превенција, а исто така беа претставени и Стандардните оперативни процедури за постапување со жртви во државата како и системот на борба против трговија со луѓе на Република Северна Македонија.