Обуки за заштита и самозаштита во случај на катастрофи наменети за деца од градинки
Црвен крст на Република Македонија, во рамките на Програмата за подготвеност и дејствување при катастрофи, со финансиска поддршка на УНИЦЕФ, во ноември 2017 година, започна со реализација на проект чија цел е подготовка на образовниот кадар за дејствување во услови на природни катастрофи со цел намалување на ризиците со коишто може да се соочат градинките и основните училишта во Гевгелија, Куманово и Скопје”.
Во рамките на третата фаза од проектот се спроведоа 7 обуки за заштита и самозаштита во случај на катастрофи наменети за деца во градинки. На обуките присуствуваа вкупно 218 деца.
Обуките се спроведоа во следните образовни институции: ЈОУДГ „Р.Ј Корчагин“ – објект Пинокио, општина Центар, ЈОУДГ „ Снежана“ – објект Џуџиња, општина Чаир , ЈОУДГ „ Весели Цветови“ – објект Синоличка, општина Кисела Вода , ЈОУДГ „ 25 Мај“ – објект Сонце, општина Гази Баба, ЈОУДГ „ Росица “ – објект Детелинка, општина Ѓорче Петров , ЈОУДГ „ Анѓел Шајче“ – објект Пчелка, општина Куманово, ЈОУДГ „ Детска Радост“ – објект Цветови, општина Гевгелија
Согласно проектните активности како и согласно подготвениот прирачник за намалување на ризици од катастрофи во градинки, Црвен крст на Република Македонија, за прв пат подготви модул за едукација на деца од градинка за заштита и самозаштита во случај на катастрофи. Преку модулот и преку игри, обучени едукатори на Црвен крст на Република Македонија ги обработија следните теми:
- Криенка под маса, запознавање на децата за безбедна и правилна заштита во случај на земјотрес,
- Играме вовче, безбедна и правилна евакуација заедно со наставничката
- Помогни му на другарче, запознавање со основите на првата помош и укажување на прва помош преку употреба на мече/играчка
- Миеме раце, активност поврзана со промоција на хигиена, поточно чекори за правилно миење на раце за спречување на ширење на болести.
Игрите, поточно модулот, е дизајниран за поддршка на децата и намалување на паника во случај на катастрофи, каде што преку игра ќе се превенира но и ќе се надгради нивното знаење за намалување на ризици во случај на катастрофи.
Истиот модул ќе биде искористен во реализација на симулациските вежби планирани во проектните активности во сите опфатени образовни институции.