Одржан состанок на мрежата на Националните друштва за борба против трговија со луѓе
Во периодот 19-21,10,2016 година во Рим – Италија, се одржа годишен состанок на мрежата на Националните друштва кои имплементираат Активности за борба против трговија со луѓе. Претставици од 9 Национални друштва, Европската регионална канцеларија на Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина, Меѓународна организација на труд, Mеѓународен центар за развој на политики за миграции, канцеларијата на Медитеранската мрежа на Националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина, синдикат на трговци на Италија и други гости, имаа можност да презентираат и разменат искуства во рамките на напорите за намалување на трговијата со луѓе со особен акцент на мигрантските движења и експлоатација на трудот. Од Црвен крст на Република Македонија учествуваше Владимир Вукелиќ кој ги презентираше превентивните активности на Националното друштво за трговија со луѓе како и активностите во рамките на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Македонија. Мрежата за борба против трговија со луѓе постои од 2004 година и претставува платформа за споделување на искуства и покренување на иницијативи за заедничко обезбедување на проектна поддршка во рамките на механизмите на Европска унија како и други извори на средства. Со партиципација во работата на мрежата Националните друштва имаат можност да ги развијат своите капацитети и да дадат особен допринос во намалување и отстранување на феноменот на трговијата со луѓе и модерното ропство.