ноември 21, 2017

Потреба од социјални и здравствени сервиси за старите лица

Почитувани претставници на медиумите,

Почитуван д-р Азири,   

Почитуван д-р Чакаровски,

Почитувана Ваша екселенцијо г-ѓа Коблер,

Почитувани претставници на членките на мрежата ИнклузиваМ

Дозволете ми да го поздравам Вашето присуство на денешната прес конференција која се организира во рамките на „Неделата на грижа за старите лица“, која се одбележува под мотото: „Сите сме нивни деца“. Целта за одбележување  на  неделата е да се подигне јавната свест  за потребата од интеграција на старите лица во сите сфери на општествениот живот, како и потреба за обезбедување на грижа и помош на старите лица. По повод неделата ќе бидат организирани акции за бесплатно  мерење на шеќер во крвта и крвниот притисок на старите лица, едукативни работилници на теми од интерес за старите лица, креативни работилници, рекреативни активности. Исто така ќе се спроведат посети на стари лица во нивните домови од страна на волонтери на Црвениот крст и медицински сестри во рамки на дневните центри и центрите за давање помош на старите лица .Изработени се  флаери за информирање на старите лица за нивните права од социјална и здравствена заштита. Во одбележувањето на неделата активно се вклучија и членките на мрежата за социјална инклузија на старите лица ИнклузиваМ.

Оваа година за одбележување на Неделата обезбедена е поддршка во рамките на  Регионалниот Проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица“, финансиран од Европската унија, со финансиска поддршка на Австрискиот Црвен крст и Австриската агенција за развој. Проектот е имплементиран од страна на Црвениот крст на РМ во партнерство со здружението Хуманост. Овој проект се реализира во пет земји Македонија Албанија, БиХ, Црна Гора и Србија. Целта на проектните активности се насочени кон подобрување на капацитетите на мрежите на граѓански организации, како и на самите граѓански организации – членки на мрежите за да се зголеми свеста на јавноста и последователно влијание во процесите на донесување одлуки за социјално вклучување на старите лица во земјите од Западен Балкан, на национално и на регионално ниво.

Во јуни минатата година на иницијатива на Црвениот крст на РМ и Хуманост, формирана е мрежата ИнклузиваМ, мрежа на  здруженија на граѓани за социјална инклузија на старите лица во која покрај Црвен крст на РМ и Хуманост, членуваат Сојузот на здруженијата на пензионери на РМ, Универзитетот трето доба, Здружението за алцхајмерова болест, Јустиција, Сумнал, Локалната агенција за развој од Струга и Организацијата на жени на општина Пехчево. Активностите поврзани со стареењето кои се реализираат преку членките на ИнклузиваМ се дел од стратешкиот план за работа на мрежата, чии  цели се насочени кон унапредување на социјалната вклученост на старите лица во општествениот живот. Со вложување на заеднички напори ќе може унапредено да се партиципира во политички дијалог со цел да се влијае врз процесите на креирање на политиките и носење на одлуките за подобрување на квалитетот на живеење на старите лица.  

За зацврстување на капацитетите на членките на ИнклузиваМ беше спроведена  едукација за застапување и утврдување на приоритетни прашања  на старите лица базирани на податоци.  Врз основа на спроведената анализа на ситуацијата во земјата, беа утврдени приоритетни прашања за старите лица. Едно од приоритетите е и потребата за отворање на социјални и здравствени сервиси за старите лица во домашни услови.

Со цел да се обезбедат соодветни податоци за ова прашање, спроведено беше истражување, врз основа на кое е подготвена анализа „Потреба од социјални и здравствени сервиси за старите лица“, која би сакале денес да ја споделиме со Вас. Истата обезбедува соодветни податоци од теренот, заклучоци и препораки за натамошно постапување. Податоците ќе претставуваат основа за подготовка на стратегија за застапување која ќе овозможи да се преземат одредени активности со цел подигање на јавната свест и јакнење на капацитетите на локалните власти и граѓанскиот сектор за развој на услугите од социјална и здравствена заштита на старите лица.

За пошироко претставување на резултатите од анализата, денес ќе се одржи и Панел дискусија на тема „Потреба од социјални и здравствени сервиси за старите лица“.

Почитувани,

Македонија се соочува со зголемен број на старо население. Со 15% старо население над 60 години, на последниот попис во 2002 година, Република Македонија го надминува коефициентот на старо население од 12%. Според статстичките податоци старото население во 2008 година  учествува со 16,6% во вкупното население во РМ. Прогнозите на Обединетите нации се дека просечното траење на живот во Република Мaкедонија континуирано ќе се зголемува и се очекува просечниот животен век во 2050 година да достигне 79,5 години,  односно 33,0 % на старо население.

Од горе наведеното произлегува дека потребите на старите лица за социјална и здравствена заштита се повеќе растат, и како резултат на тоа се наметнува потребата од застапување за развивање на форми за вонинституционална заштита, кои ќе овозможуваат услуги блиски до корисниците за кои се наменети.

Ви благодарам на вниманието.

< врати се назад