„Сите сме нивни деца“
Црвениот крст на Република Северна Македонија од 14 до 20 ноември 2022 година ја одбележува „Неделата на грижа за старите лица“ под мотото: „Сите сме нивни деца“. Целта за одбележување на неделата е да се подигне јавната свест за потребата од зголемена интеграција на старите лица во сите сфери на општествениот живот, како и потреба за обезбедување на грижа и помош на старите лица.
Поддршка во одбележување на неделата е обезбедена од страна на УНФПА со која организација Црвениот крст на РСМ соработува на актуелни прашања наменети за старата популација, како и здравствена превенција на ранливи целни групи население. Обезбедена е поддршка за функционирање на 10 мобилни тимови за бесплатна услуга за набавка и достава на храна, хигиена, лекови и др. на стари и осамени лица. Во текот на неделата ќе бидат организирани 30 информативни работилници со лицата од трето доба за нивно запознавање со правата од социјална и здравствена заштита со цел подобрување на нивниот квалитет на живеење и здраво стареење.
Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвениот крст во своите средини ќе организираат и едукативни работилници на теми од интерес за постарите граѓани, тематски работилници за поттикнување на социјална инклузија на старите лица, како и друг вид активности за активно и здраво стареење.