” СКОПЈЕ ПРЕД И ПОСЛЕ ЗЕМЈОТРЕСОТ”
Пред повеќе и половина век се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје многу страдалници останаа под урнатините, наоколу плач и повикување на помош.Човековата хуманост и солидарност беше на испит.
Изминаа 58 години кога во раните утрински часови на 26 Јули 1963 година Скопје го погоди една од најголемите трагедии од своето постоење. Скопскиот земјотрес беше една од најтешките природни непогоди на овој дел од светот само една година по големата поплава што се случи на 16 Ноември 1962 година .Во земјотресот загинаа 1070 жители, беа повредени над 3000 жители, под урнатините се најдоа 10 000 лица.Земјотресот предизвика уривање или тешко оштетување на повеќе од 80% од станбениот фонд на градот.Срушени беа осум, а потешко или полесно оштетени беа 22 основни училишта.Се урнаа 11, а оштетени беа 13 средни училишта. Урнати или тешко оштетени беа и најубавите објекти во градот.
Тоа беше тешка трагедија за еден град од 200 илјади жители .Повеќе од 150 000 лица го напуштија градот засолнувајќи се во внатрешноста на земјата. Од првиот момент почна битката за спасување на затрупаните под урнатините, за давање помош на ранетите, за сместување под шатори на близу 50 000 семејства.
За прв пат после Втората Светска војна во Скопје на хуманитарна задача се сретнаа војските на САД, Англија, Германија, тогашниот СССР. Скопската катастрофа ги соедини сите кон една хумана цел спасување на настраданото население.
Медицинската помош се даваше на самото место на повредените Посебно треба да се истакне максималното ангажирање на Црвениот крст на Република Северна Македонија со своите активности за прва помош, помош во обезбедување на санитетски материјали, крв и крвна плазма ,помош во обезбедување на храна и вода за пиење, лекарства,и средства за дезинфекција, облека, прибор за лична хигиена. Екипи на Црвениот крст беа ангажирани во организирање и сместување на граѓаните во импровизирани шаторски населби, каде што се формирале месни организации на Црвениот крст.
Помошта за евакуирање на децата и мајките била неопходна.Во кујните на Црвениот крст се хранеле околу 40 000 деца до крајот на 1964 година. Посебно треба да се истакне максималното ангажирање на Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвената полумесечина кои заедно со екипите на Црвениот крст на РСМ беа постојано присутни и при изведувањето на изградбата на објектите кои што почнаа да се подигаат на локациите предвидени со плановите за сместување на населението.Враќањето за Скопје беше многу мачно , неизвесно и тешко,многу волонтери беа вклучени во секојдневните активности на Црвениот крст.
Љубовта за Скопје и за спасување на човечките животи беше императив. На многу хуманисти и дарители за Скопје името не им се знае, голем број имени и безимени луѓе дадоа свој придонес во санирањето на последиците од катастрофалниот земјотрес. Но затоа забележано е нивното човечко сочуство со нашиот урнат град и население.
Но како времето поминуваше и состојбата се нормализираше возрасните граѓани се враќаа во Скопје и се вклучуваа во обновувањето на стопанските дејности , а сместувањето беше во шаторски населби-Скопје стана град под шатори. Но иако животот во шаторите не беше лессен особено во есенските денови сепак луѓето многу достоинствено се однесуваа. Од првиот ден по катастрофата на Скопје на секој чекор се чуствуваше солидарноста .На Скопје му помогна човечката светска солидарност и градот повторно никна од пепел.Се роди нов модерен град . Оттука Генералното Собрание на ОН градот Скопје го нарекоа “ град на солидарноста и меѓународното пријателство”.
Со право од нашата Организација очекуваат помош и поддршка во справувањето со идните предизвици , зголемување на обемот и опсегот на нашата работа. Во изминатиов период нашето внимание и беше насочено кон проширување на опсегот на активностите ,обезбедување на услуги ,градење на институционална ефективнсот, промовирање на партнерска соработка, подобрување на адвокативноста преку активности каде што ќе бидеме видени ,чуени и ќе бидеме присутни се со цел да им помогнеме на луѓето кои имаат потреба од нас.
Што се однесува до хуманоста на нашите граѓани овие одбележувања треба да покажат дека покажаната хуманост и солидарност во катастрофалниот земјотрес во 1963 година се само препознавање на сите хуманисти како израз на безграничните простори на хуманост и солидарност. Моќта на хуманоста обезбедува да се вградуваме во достоинството за да се биде човек. Не има и толку имаме за никој во светот да не остане сам и безпомошен , а вредиме толку колку што сме потребни на другите.
На крајот потсетувајќи се на скопскиот земјотрес сакам да ја истакнам потребата да се заложуваме со прогресивни и хуманистички сфаќања на светот да придонесеме да се спречи и ублажува човековото страдање и да ги искористиме сите можности, човечки и материјални потенцијали во потикнувањето на моќта на хуманоста со што ќе ги зголемиме ефектите од нашето работење .
Со почит,
Генерален секретар
Д-р Саит Саити