Учество на 66-та сесија на генерално собрание на Бугарски Црвен крст
Во периодот од 25-26 мај, 2018 година генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија д-р Саит Саити учествуваше на 66-та сесија на генерално собрание на Бугарски Црвен крст. На собранието покрај Црвениот крст на Македонија присуствуваа и гости од Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина од Будимпешта и Турската Црвена полумесечина како и претставници на невладини организации и партнери од Република Бугарија. На седницата на собранието беа прочитани поздравни обраќања од претседателот на Бугарија, од претседателот на народното собрание и од повеќе владини министерства.
Поздравни обраќања имаа странските гости при што оддадоа признание за хуманитарната работа на Бугарскиот Црвен крст во Бугарија и во Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина. Поздравни обраќања имаа и претседателот на Бугарски Црвен крст, академик Христо Григоров, главниот секретар на министерството за здравство проф.др. Красимир Гигов и Проф. Здравко Маринов, заменик претседател на Бугарскиот Црвен крст. На сесијата беше разгледан извештајот за работа и програмата за работа на Бугарскиот Црвен крст со акцент на мигрантската криза и планинската спасителна служба, безбедноста на вода, социјалните програми, здравствено превентивните активности и младинските активности.
Во разговорите со академик Христо Григоров и генералниот секретар д-р Софија Стоименова беше истакнато дека низ годините двете национални друштва постојано ја продлабочуваат меѓусебната соработка. Во таа насока беше изразено задоволство од обновувањето на билатералната соработка со потпишувањето на меморандумот за разбирање минатата година кој е придружен со оперативен план за акција кој ја уредува билатералната соработка за секоја година. Согласно со потпишаниот договор до крајот на годината предвидени се уште неколку заеднички активности. Кон крајот на месец јуни претставници на Бугарскиот Црвен крст ќе земат учество на семинарот за мотиватори за крводарителство кој ќе се одржи во Струга, Македонија.
Кон крајот на месец ноември 2018 година предвидена е заедничка сесија на раководните одбори на двете национални друштва која ќе се одржи во Скопје, Македонија. На заедничката седница договорено е да се разменат искуства и добри практики од страна на раководните одбори на двете национални друштва со акцент на работата поврзана со донесување на нормативна рамка и политики во двете национални друштва.
Во разговорите со раководството на Бугарскиот Црвен крст исто така стана збор за унапредување на соработката помеѓу двете градски организации на Црвен крст Софија и Скопје, преку размена на искуства, добри практики и организација на заеднички активности. Исто така беше поздравена постојната соработка на општинските организации на Црвен крст од двете земји со надеж дека оваа соработка ќе се прошири и во нови средини, во интерес на целните категории и граѓаните на двете држави.