март 24, 2021

Започна тридневната обука за воспоставување на пилот-фазата на сервисот Итно копче во Црвениот крст на Република Северна Македонија

Црвениот крст на Република Северна Македонија во рамките на проектот ,, Развој на деловни услуги  за интегрирана грижа и поддршка во ЦКРСМ’’- проект поддржан од деловно партнерство на ЦКРСМ и Австриска Агенција за Развој, Австриски Црвен Крст и Швајцарски Црвен Крст, ја започна обуката за воспоставување на пилот-фазата на сервисот Итно копче на територијата на Град Скопје.

Итното Копче претставува услуга наменета за старите лица, која ќе им овозможи на корисниците да имаат безбеден живот во своите домови 24/7.

Во првата фаза на овој пилот проект од шест месеци се планира да се вклучат 60 корисници, а понатаму уште дополнителни 50. Копчето ќе има за цел да овозможи лесен и ефективен начин за добивање на помош на корисниците од постарата популација ако и кога ќе биде потребна при итен случај во домот.

Започната обука е првично наменета за одбраните Спасители при Итни случаи, вработени лица на сервисот Итно копче, како и вработени лица од Централната Канцеларија на Црвениот крст и Црвениот крст на град Скопје и ќе се одвива во периодот од 24 до 26 Март 2021 во просториите на ЦКРСМ.

Учесниците во текот на обуката ќе се стекнат со теоретски и практични знаења и вештини во рамките на работата на сервисот и неговото значење, улогата и обврските. Дополнително, учесниците ќе се запознаат со правните аспекти, укажувањето на Првата помош на корисниците од повозрасната популација, практични сценарија со кои што може да се соочат, грижа и справување со корисниците како и  користењето на лична опрема, заштита и лична хигиена.

 

< врати се назад